Акција

Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, уапсен за примање поткуп

20.03.2026 17:01

Уапсен е директорот на Инспекторатот за земјоделство, Васе Анакиев за примање поткуп. Го фатиле со обележани пари, кога од бараните 100 илјади евра од увозник, преку шпедитер – посредник земал половина од сумата за да овозможи влез на стока, за која, како што велат од Обвинителството, вршел притисок врз службеници да не биде пропуштена и да стои на граница. Побаран е притвор. Акцијата на полицијата и Обвинителството ја разбранува политичката сцена. Социјалистичката партија, чијшто потпретседател е Анакиев повика институциите законски да постапат. За ВМРО-ДПМНЕ, ова е доказ за неселективноста. Според СДСМ, ваквите скандали се причината зошто нема пари за земјоделците …

Во заедничка акција на МВР и Обвинителството за организиран криминал и корупција уапсен е директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Васе Анакиев.

Уште еден функционер од секторот земјоделство падна во рацете на истражните органи. Откако кон крајот на минатата година беше уапсен тогашниот директор на Платежната агенција, Илија Стоилев за мито од 50 илјади евра, сега со лисици на раце за поткуп заврши и актуелниот директор на Инспекторатот за земјоделство, Васе АнакиевАнакиев од компанија увозник преку шпедитер – посредник побарал мито од 100 илјади евра за да помине стока. Се договориле парите да бидат исплатени во три наврати, еднаш половина од сумата и двапати по 25 илјади евра. Ама, парите биле обележани.

Анакиев е кадар на социјалистичката партија, каде е и потпретседател. Од СПМ побараа институциите да работат според закон и да ги разоткријат сите случаи на организиран криминал и корупција.

„Социјалистичката партија на Македонија ги повикува надлежните институции да постапуваат според закон, одговорно и без селективност да ги преземаат сите активности во разоткривањето на било кој случај за кој постојат основани сомненија за сторен криминал или злоупотреба на службената должност. Истовремено СПМ жестоко реагира од нападното партиско етикетирање на актуелни случаи со сериозни обвиненија и тенденциозното објавување фотографии со кои се гази врз човековото достоинство“, соопштија од СПМ.

За ВМРО-ДПМНЕ, апсењето на Анакиев е доказ дека нема селективност, за СДСМ – уште еден случај со криминал поради кој земјоделците остануваат без пари.

Уапсениот Анакиев на чело на Државниот инспекторат за земјоделство е нешто помалку од две години.

Ирина Гелевска