Дијабетичарите соочени со недостаток на ленти и глукомери
Дијабетичарите изминатите две недели се соочуваат со недостаток од ленти и глукомери, а нема и сензори. Здруженијата на пациенти ја одбележаа 25-годишнината од основањето на Сојузот со старите маки. Апелираа до надлежните да се надмине ситуацијата, и предупредија дека околу 40 илјади лица се на инсулинска терапија и антидијабетна терапија...

Две недели нема ленти и глукомери, реагира Сојузот на здруженија на дијабетичари. За да го измерат нивото на шеќерот во крвта, пациентите сами си купуваат сè што им е потребно. Иванка Караѓозова, има дијабетес тип 1 цели 30 години. Таа секој ден се боцка и по 10 пати за да го држи шеќерот под контрола.
Сојузот од Министерството за здравство добил одговор дека се очекува, согласно со договорот, операторот да почне да дели ленти и глукомери. Но, проблеми има многу.
Пациентите со дијабетес немаат доволно знаење како да се хранат. Се наоѓаат во еден голем хаос од информации од блиските, од медиумите, што треба да јадат, понекогаш ако се опуштат на трпезата сами си ги дозираат единиците инсулин, објаснува докторката Недеска-Минова. За да ги едуцираат своите пациенти, група лекари напишаа прирачник за исхрана.
Следејќи ги насоките во исхраната над 70 илјади дијабетичари може и да се спасат од користење на хронична терапија.
Наташа Јанчиќ Менковски
