Свет

Конфликтот на Блискиот Исток влегува во третата недела

21.03.2026 11:04

Конфликтот на Блискиот Исток, кој трае веќе три недели, не покажува знаци на смирување. Иако Трамп размислува за постепено завршување на воените активности, сепак САД испраќаат маринци на Блискиот Исток. Иран испали ракети врз американска воена база на оддалечениот од 4 илјади километри...

Конфликтот на Блискиот Исток влегува во третата недела. Американскиот претседател Трамп нејасен и контрадикторен во изјавите – најавува намалување на воениот ангажман во Иран, од друга страна, илјадници американски трупи се упатуваат кон регионот. Вели дека е подготвен за дијалог, но не и за прекин на огнот.

„Можеме да имаме дијалог, но не сакам да склучам прекин на огнот. Тоа не го правите кога буквално ја уништувате другата страна. Тие немаат морнарица. Немаат воздухопловни сили. Немаат никаква опрема, нивните лидери се убиени. Едноставно, не сакаме да го направиме тоа“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Техеран за првпат употреби интерконтинентална ракета со среден дострел кон заедничката воена база на САД и Велика Британија-Диего Гарсија, во средината на Индиски океан, откако Лондон му дозволи на Вашингтон напади врз ирански цели во Ормускиот теснец. Ниту еден проектил не ја погодил целта-тврдат САД. Иран испрати ново предупредување до непријателите, најавувајќи проширување на потенцијалните цели надвор од воените зони.

„Генералот Аболфазл Шекарчи изјави дека отсега па натаму, одморалиштата, рекреативните области и туристичките дестинации низ целиот свет повеќе нема да бидат безбедни за вас“, објавија на државната иранска телевизија ИРИБ.

Повторно на удар и Заливските земји. Саудиска Арабија и Кувајт јавуваат за пресретнати дронови и ракети, додека Иран тврди дека не сака војна со исламските земји.

„Не бараме конфликт или војна со исламските нации, тие се наши браќа. Немаме право да се бориме едни против други под никаков изговор. Не смееме да паднеме во стапицата што ни ја смислија нашите непријатели под изговор дека се движиме кон стекнување нуклеарно оружје“, изјави Масуд Пезешкијан, претседател на Иран.

Продолжуваат меѓусебните напади меѓу Израел и Хезболах, додека израелската армија најавува проширување на операциите во јужен Либан.

„Копнените операции во јужен Либан се интензивираат. Ќе ја прошириме операцијата во наредните денови. Досега нападнавме над 2.000 цели во Либан и спречивме повеќе од 600 терористи“, изјави Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.

Ормускиот теснец и натаму клучна цел. Во обид да ги намалат цените на бензинот, САД привремено ги укинаа санкциите за иранската нафта моментално заглавена на море.

„Во моментов, санкционираната иранска нафта ја складира Кина евтино. Со привремено отклучување на оваа постоечка понуда за светот, САД брзо ќе донесат приближно 140 милиони барели нафта на глобалните пазари“, изјави Скот Бесент, министер за финансии на САД.

Немаме вишок нафта на море, САД прават психолошки трик, бескорисно ги олабавуваат санкциите-велат од Иран додека сигнализираат делумно попуштање на блокадата со пропуштање јапонски танкери низ теснецот во координација со Техеран. Трамп повторно ги нарече сојузниците во НАТО „кукавици“ поради тоа што не им помогнале на САД во обезбедувањето на теснецот, додека европските земји, вклучително и Франција, порачаа дека таквите чекори зависат од прекинот на огнот.

 

Бојана Крстевски