Анакиев во притвор во Шутка, се бара темелна истрага
Инспекторат за земјоделство обезглавен, директор Анакиев во притвор во Шутка. Власта порачува – нема компромис со криминалот и корупцијата. Опозицијата бара темелна истрага. Експертите децидни – ако не се пријавува, многу случаи остануваат неоткриени...

Директорот на Инспекторатот за земјоделство е во Шутка. Зад решетки, во притвор од 30 дена го чека обвинението за примање поткуп откако беше фатен со мито од 50 илјади евра. Институцијата што ја води е обезглавена. Во првата реакција, од Владата велат, борбата против криминалот и корупцијата е врвен приоритет независно од политичката или партиската припадност и нема компромиси.
Случајот со Анакиев остава слика дека во многу институции постојат коруптивни дејствија и доколку фирмите или граѓаните не пријават сами, случаите не се откриваат, оценува претседателот на „Транспаренси“, Благоја Пандовски. Тој гледа напори кај државата за сузбивање на корупцијата, но предлага заострени мерки за набљудување на работата на раководните лица во институциите.
СДСМ бара темелна истрага за другите можни вклучени во корупцискиот скандал. Велат, не може никој да не знаел за криминалот. ВМРО-ДПМНЕ, пак, и забележа на опозицијата за двојни стандарди оти не била толку гласни кога нивни функционери биле фатени во криминал.
Обвинителството го товари Анакиев за примање поткуп – барал 100.000 евра од фирма – увозник преку посредник – шпедитер за да ѝ пројде стоката на царина. МВР го уапси со 50.000 евра бележани пари.
Викторија Милевска
