Македонија

Пролетна градежна офанзива во Битола

22.03.2026 16:09

Со вкупно 65 одобрени проекти со максимална вредност од 707 милион денари, од вториот владин повик-Битола се позиционираше како општина со најголем број поддржани иницијативи. Според информациите од надлежните, речиси 50 проценти од проектите се во фаза на реализација, за дел се склучени договори, а дел се во постапка на јавни набавки. Од првиот повик завршени се 7 од 16 проекти, останатите се во крајна фаза. Општината паралелно работи и на проекти од сопствени средства. Првиот човек на градот се надева дека реализацијата на проектите, ќе се одвива согласно предвидената динамика…

Со доаѓањето на пролетта, се интензивираат и градежните активности на терен. Речиси половина од 65 проекти од вториот владин повик се во фаза на реализација. Се работи на новата боксерска сала, започната е изградбата на една од трите спортски сали во основните училишта и на дел од 24 спортски игралишта. Како и изградба и реконструкција на 20-тина улици, од кои, дел во руралните средини се веќе завршени. Битола ќе добие и пет нови паркинг простори.

Станува збор за инвестиции во инфраструктурата, комуналните услуги и локален развој, кои треба да го подобрат секојдневието на граѓаните. Битолчани позитивно гледаа на овие проекти, но очекуваат побрзо темпо и видливи резултати на терен.

Седум од 16 проекти во вредност од над 183 милиони денари, од првиот владин повик се завршени. Останатите девет се во крајна фаза на реализација. Покрај владините, општината паралелно работи и на проекти од сопствени средства, од кои поголеми се две детски градинки и противпожарна станица.

Овие бројки ветуваат развој, останува да се види, дали Битола од рекордер по одобрени проекти, ќе успее да стане и пример за нива успешна реализација.

Александра Максимовска