здравје

Отворен првиот Центар за менаџирање на дебелина во Охрид

22.03.2026 14:50

Во Охридската болница е отворен првиот Центар за менаџирање на дебелина во Југозападниот регион. Со современа опрема и стручен тим, започнува „битка“ против еден од најсериозните здравствени предизвици на денешницата...

Во Охридската болница започна со работа првиот Центар за менаџирање на дебелина во Југозападниот регион, – значаен чекор во справување со овој сериозен здравствен предизвик. Обезноста се смета за глобална пандемија, со постојан раст на бројот на засегнати лица.

Сериозен здравствен проблем кој е директен ризик за голем број заболување, но и нарушено ментално здравје.

„Дебелината денес е едно од најактуелните заболувања во современиот свет, синдром кој ги засега повеќето органски системи. Ова е прв центар кој со помош на ендокринолозите од Интерно се реализира, го отворивме првиот центар за пациентите од целиот Југозападен регион“, изјави д-р Горан Маркоски директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.

Интересот кај граѓаните е веќе значителен, а покрај советување и следење, достапна е и терапија за намалување на телесната тежина и психолошко советување.

„Зголемената телесна тежина сама по себе повлекува ризици од повеќе заболувања – кардиоваскуларни, проблеми со локомоторниот систем, оптоварување на зглобовите, но и секако и психолошки последици. Затоа е потребен комплексен пристап во третманот“, изјави д-р Даниела Мисоска Пендова.

„Веќе има интерес, дојдени се неколку луѓе прашуваат и за терапија. Имаме и терапија за намалување на телесна тежина која се дава кај пациентите“, изјави д-р Лилјана Ангелеска.

Во центарот има современ медицински апарат, кој прецизно ја одредува телесната композиција – со што здравствениот систем во регионот доби важна алатка во борбата против дебелината.

 

Соња Рилковска