Регион

Регионот со различни мерки за справување со ценовниот шок

22.03.2026 18:08

Регионот различно се бори со кризата. Во Словенија од денеска е забрането полнење гориво над 50 литри за физички и 200 литри за правни лица. Црна Гора и Србија реагираа со акцизите, Босна и Хрватска воведоа ценовни ограничувања...

Поради проблеми со набавката на горива, Словенија го ограничи полнењето гориво до 50 литри за физички лица и 200 литри за компании. Горивата на автопатите се продаваат по пазарна цена, надвор од нив се намалени и контролирани.

„Конфликтот на Блискиот Исток не се смирува и како резултат на тоа, цената на нафтата надмина сто долари за барел во последните денови. Очекуваме зголемување на цената не само на дизелот, туку и на нафтата за греење“, изјави Бојан Кумер, министер за енергетика на Словенија.

Србија дополнително ја намали акцизата на горивата за 40 проценти. Ценовни ограничувањата воведоа и БиХ и Хрватска.

Хрватска беше меѓу првите земји што веднаш го намали ценовниот шок за евросупер, евродизел и синиот дизел, како и за течниот нафтен гас.

Црна Гора привремено ја намали акцизата на дизелот за 50 проценти, а на бензините за 25 посто.

 

Ирина Гелевска