Блиски Исток

Израел и Иран со меѓусебни жестоки гранатирања

23.03.2026 11:50

Нападите на Блискиот Исток продолжија и изминатото деноноќие. Техеран се закани дека ќе ја уништи критичната инфраструктура во регионот, вклучувајќи ги и водоводните системи, доколку САД ги нападнат иранските електрани.Меѓународната агенција за енергетика предупредува дека глобалната енергетска ситуација предизвикана од конфликтот е многу сериозна...

Глобалната енергетска ситуација предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток е многу сериозна, предупредува Меѓународната агенција за енергетика и повикува на повторно отворање на Ормускиот теснец. Во тек се консултации со владите во Европа и Азија за можноста за ослободување на дополнителни резерви на нафта.

„Неодамна објавивме некои мерки, како можеме да ја намалиме побарувачката, но она што го правиме е, да бидам искрен, да го намалиме товарот врз економијата. Единственото најважно решение за овој проблем, како што стојат работите сега е отворањето на Ормускиот теснец“, изјави Фатих Бирол, извршен директор на Меѓународната агенција за енергетика.

Глобалните финансиски пазари бележат зголемена неизвесност трета недела по ред. Берзите се во пад поради растот на цените на нафтата и непредвидливата заканувачка реторика меѓу САД и Иран.

„Сите се плашат дека глобалната економија ќе потоне во депресија, бидејќи цената на нафтата продолжува да расте. А притоа, глобалната понуда на нафта е намалена за 20 милиони барели дневно. Светот не може да си го дозволи ова“, изјави Франсис Лун, менаџер за финансии, Хонгконг.

Техеран се закани дека ќе ја уништи критичната инфраструктура низ Блискиот Исток, вклучувајќи ги и виталните водоводни системи, доколку САД ги исполнат заканите на Трамп од викендот дека ќе ги нападнат иранските електрани во случај ако Ормускиот теснец не биде целосно отворен во рок од два дена.

„Илузијата за бришење на Иран од мапата покажува очај против волјата на една нација што создава историја. Заканите и теророт само го зајакнуваат нашето единство. Ормутскиот теснец е отворен за сите освен за оние што ја нарушуваат нашата почва. Цврсто се соочуваме со заканите на бојното поле“, објави претседателот на Иран, Масуд Пезешкијан.

Нападите на Блискиот Исток продолжија и изминатото деноноќие. Централната команда на САД објави нови воде-снимки од уништување на цели во Иран. Израелската војска соопшти дека двете ракети што го погодија јужен Израел во саботата, при што беа повредени повеќе од 150 луѓе, се резултат на два одделни, неповрзани дефекти во системот за воздушна одбрана.

„Од нас се очекуваат уште недели борба против Иран и Хезболах. Со секој изминат ден, го ослабуваме терористичкиот режим се повеќе. Нема да дозволиме терористичкиот режим и неговите посредници да претставуваат закана за израелските граѓани и Државата Израел“, изјави бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.

Иран поседува балистичко оружје со кое може да ги загрози Рим и Лондон, пишуваат европските весници, посочувајќи дека американско-израелските напади не ги неутрализирале ракетните капацитети на Техеран.

 

Маријана Димовски