Иран се закани со интензивирање на нападите во Персиски Залив
Иран се закани дека ќе го минира целиот Персиски залив и ќе ја уништи критичната инфраструктура на Блискиот Исток во случај на инвазија врз нивниот брег или острови. Новата ескалација следува откако Трамп викендов рече дека ќе ги нападне иранските електрани доколку Ормускиот теснец не биде целосно отворен. Меѓународната агенција за енергетика предупредува за енергетската состојба, финансиските пазари бележат неизвесност.

Глобалната енергетска ситуација предизвикана од конфликтот на Блискиот Исток е многу сериозна, предупредува Меѓународната агенција за енергетика и повикува на повторно отворање на Ормускиот теснец.
„Неодамна објавивме некои мерки, како можеме да ја намалиме побарувачката, но она што го правиме е, да бидам искрен, да го намалиме товарот врз економијата. Единственото најважно решение за овој проблем, како што стојат работите сега е отворањето на Ормускиот теснец“, изјави Фатих Бирол - извршен директор на Меѓународната агенција за енергетика.
Глобалните финансиски пазари бележат зголемена неизвесност трета недела по ред поради растот на цените на нафтата и непредвидливата заканувачка реторика меѓу САД и Иран.
„Сите се плашат дека глобалната економија ќе потоне во депресија, бидејќи цената на нафтата продолжува да расте. А притоа, глобалната понуда на нафта е намалена за 20 милиони барели дневно. Светот не може да си го дозволи ова“, изјави Франсис Лун – менаџер за финансии, Хонгконг.
Иран се закани дека ќе го минира целиот Персиски Залив и ќе ја уништи критичната инфраструктура вклучувајќи ги и виталните водоводни системи во случај на инвазија врз нивниот брег или острови. Новата ескалација следува откако Трамп викендов рече дека ќе ги нападне иранските електрани доколку Ормускиот теснец не биде целосно отворен.
„Илузијата за бришење на Иран од мапата покажува очај против волјата на една нација што создава историја. Заканите и теророт само го зајакнуваат нашето единство. Ормускиот теснец е отворен за сите освен за оние што ја нарушуваат нашата почва. Цврсто се соочуваме со заканите на бојното поле“-Објава на претседателот на Иран – Масуд Пезешкијан.
Воените дејствија на Блискиот Исток продолжија и изминатото деноноќие. Израел продолжи со нападите во Иран и во Либан.
„Од нас се очекуваат уште недели борба против Иран и Хезболах. Со секој изминат ден, го ослабуваме терористичкиот режим се повеќе. Нема да дозволиме терористичкиот режим и неговите посредници да претставуваат закана за израелските граѓани и Државата Израел“, изјави бригаден генерал Ефи Дефрин – портпарол на израелската војска.
Иран поседува балистичко оружје со кое може да ги загрози Рим и Лондон, пишуваат европските весници, посочувајќи дека американско-израелските напади не ги неутрализирале ракетните капацитети на Техеран. Во исто време, Лондонската полиција истражува антисемитски напад откако беа запалени возила на еврејска служба за брза помош.
Маријана Димовска
