Украина

Интензивни руски напади во Украина, дипломатијата во втор план

23.03.2026 12:35

Нови напади со руски беспилотни летала во неколку региони во Украина. Погодија најголемото руско нафтено пристаниште на Балтичко Море, Приморск. Оваа војна на Русија против Украина мора да заврши – дециден е Зеленски. Можно да се продолжат разговорите иако вниманието на американската страна во овој момент е насочено кон ситуацијата на Блискиот Исток...

Војната во Украина продолжува. Со над 200 беспилотни летала Русија и ноќва нападна неколку региони. Украински беспилотни летала го погодија најголемото руско нафтено пристаниште на Балтичко Море, Приморск. Оштетена е инсталација за гориво, персоналот е евакуиран. Зеленски нотира дека во некои области, русите значително ја засилиле активноста.

„Најважно за мене е што моето семејство е живо. Сите наши работи се оштетени, а нашиот автомобил изгоре. Се за што работевме толку напорно е едноставно уништено.“

„Удри дрон шахед, покривот беше однесен, прозорците беа скршени, таванот се урна, а гаражата беше оштетена.“

Украинскиот претседател изјави дека дводневните состаноци меѓу украинската делегација и претставниците на американскиот претседател Трамп поминале добро и дипломатијата функционира.

„Јасно е дека вниманието на американската страна во овој момент е првенствено насочено кон ситуацијата околу Иран и во тој регион, но оваа војна на Русија против Украина мора да заврши. Важно е да се осигури дека агресорот нема да биде награден за оваа војна. И важно е никој од нас да не биде принуден да се врати во војна за неколку месеци или години, што значи дека безбедносните гаранции за Украина и за цела Европа мора да бидат доволни за мир“, изјави украинскиот претседател, Володимир Зеленски.

Портпаролот на Кремљ, оценува дека Европа е во тешка позиција, не е подготвена за дијалог со Русија и оти сака да го продолжи конфликтот во Украина, иако како што тврди, нема јасен начин да ја финансира војната.

Катерина Бојаџиева