Тодоров со иницијатива: Здравствен центар во ЈИЕ за помош на земјите кои се соочуваат со криза
Центар во рамките на здравствената мрежа на Југоисточна Европа кој ќе биде секогаш на помош на земјите кои се соочуваат со потешкотии или кризи од здравствен аспект, како што беа поплавите во регионот, е една од иницијативите кои министерот за здравство, Никола Тодоров, ги презентираше на регионалниот состанок на Светската здравствена организација (СЗО), кој се одржува во Копенхаген.

„Сакаме да направиме едно постојано тело кое во вакви кризни ситуации ќе може брзо да делува и да и пружи помош на онаа земја на која тоа и е најмногу потребна. Исто така во говорот се осврнав и на улогата која ја има регионалниот директор во функционирање на мрежата на земјите од Југоисточна Европа и очекувам дека таа поддршка од СЗО ќе продолжи и во иднина“, истакна министерот Тодоров.
Министерот за здравство ќе се сретне со министрите на државите членки на Здравствената мрежа на Југоисточна Европа. Очекува од СЗО дека и во иднина ќе ја поддржува здравствената мрежа, а потврда за тоа ќе биде конференцијата која во почетокот на ноември ќе се одржи во Скопје. На неа ќе присуствува и регионалниот директор на СЗО за Европа, Сузана Јакаб, како и министрите за здравство на земјите- членки во мрежата на Југоисточна Европа.
На 64 регионален состанок на Светската здравствена организација во Копенхаген, учествуваат над 300 претставници од 53 земји- членки на СЗО од Европскиот регион. Меѓу нив и Република Македонија. Клучни прашања на агендата, здравствената политика на СЗО - „Здравје 2020“.
Андријана Атанасовска, специјален известувач од Копенхаген за МРТ