Странски државјани се повеќе полнат гориво во земјава
Поскапувањето на цените на горивата во регионот ги зголеми и разликите во цените на нафтените деривати, па така Македонија станува се попривлечна за странските возачи. Во пограничните места сè почесто можат се де забележат возила со странски ознаки. Грчките државјани се чести посетители во Битола, но во последните две недели значително е зголемена фреквенцијата на бензинските пумпи во близина на ГП „Меџитлија“ …

Зголемената разлика во цените на горивата меѓу Македонија и Грција, ја прави Битола, атрактивна дестинација за грчките возачи. На бензинските пумпи во близина на граничниот премин Меџитлија, во последните две недели се забележува зголемена фреквенција на возила од соседството, кои доаѓаат да наполнат резервоар по цена пониска и за половина евро по литар.
Од бензинските пумпи потврдуваат дека продажбата е зголемена, особено во викенди и пред најавените покачувања на цените, кога граѓаните од соседството доаѓаат организирано или индивидуално да наполнат гориво по пониски цени. Тоа го забележуваат и македонските граѓани.
Според информациите од Министерството за енергетика, во пограничните места во Македонија се точат и до 160 илјади литри гориво. Ги информираат граѓаните дека државните резерви се стабилни и без нови снабдувања, има доволно за два месеци. И владата пак работи на ублажување на ценовниот шок.
На вчерашната владина седница, донесена е одлука за намалување на стапката на ДДВ за гориво од 18 на 10%, што би значело намалување за 6-7 денари, а дополнително се разговара и за можноста за зголемување на попустот на дизелот.
Александра Максимовска
