Горива

ДДВ-то намалено, но ценовниот притисок останува

23.03.2026 17:18

Будно да се следи состојбата на Блискиот Исток, ценовните осцилации се непредвидливи – предупредуваат економистите. Во загуба е и транспортот, од здружението „Макам-транс“ бараат поголема помош од државата. Повисоки цени и на дел од производите, владата со апел трговците да не профитираат на сметка на граѓаните...

Намалувањето на ДДВ-то на горивата од 18% на 10% е добар чекор на државата со цел да се ублажи ценовниот шок по поскапувањето на горивата, сметаат економистите. Според професорот Зоран Ивановски, Владата мора будно да ја следи состојбата на Блискиот Исток, оти ценовните осцилации се непредвидливи.

Цените на билетите за меѓуградскиот и меѓународниот сообраќај барем за сега остануваат исти, но не за долго, велат превозниците. Од „Макам-транс“ за МТВ изјавија дека транспортот е во загуба, оти не може да се контролира цената на нафтата. Велат, помошта од државата мора да е поголема.

Државните резерви за гориво и за струја се стабилни. Ризици постојат, и ако треба, државата е подготвена за повеќе системски мерки.

Од Владата со апел до трговците да не профитираат на сметка на граѓаните, оти биле забележани повисоки цени на дел од производите.

Борис Грујоски