Трамп ги одложи нападите врз Иран, тензиите и натаму растат
Вашингтон го менува курсот. Tрамп ги одложи најавените напади врз енергетската инфраструктура на Иран, повикувајќи се на тековни разговори. Oдлуката доаѓа неколку часа пред истекот на ултиматумот за Техеран да го отвори Ормускиот теснец. Иран тврди дека станува збор за тактички маневар. Цените на нафтата во опаѓање, тензиите и енергетската неизвесност и натаму висока. Борбите во регионот продолжуваат.

Нов пресврт на Блискиот Исток. Американскиот претседател Трамп ги одложи најавените напади врз иранската енергетска инфраструктура, поради како што рече, тековните и продуктивни разговори со Техеран. Само неколку часа пред истекот на 48-часовниот ултиматум од САД за Иран да го отвори Ормускиот теснец, тој го смени курсот и го продолжи рокот за уште пет дена.
„Врз основа на тонот и карактерот на овие сеопфатни, детални и конструктивни разговори, кои ќе продолжат во текот на неделата, му наложив на Министерството за војна да ги одложи сите воени удари врз иранските електрани и енергетската инфраструктура за период од пет дена, во зависност од успешноста на тековните средби и разговори“-Објава на Доналд Трамп – претседател на САД.
Иранското министерство за надворешни работи соопшти дека нема дијалог меѓу Техеран и Вашингтон и дека изјавите на Трамп се дел од обидот да ги намали цените на енергијата и да купи време за спроведување на неговите воени планови. Техеран тврди дека иранските закани ги натерале САД да попуштат.
„Ако удрите врз енергетската инфраструктура и ние ќе го сториме истото. Решени сме да одговориме на секоја закана на исто ниво. Америка не ги знае нашите способности, но ќе ги види на терен“- соопштение на државната иранска телевизија ИРИБ.
Новата одлука на Вашингтон веднаш доведе до пад на цените на нафтата, но и покрај тоа, глобалната енергетска ситуација од конфликтот, останува многу сериозна-предупреди Меѓународната агенција за енергетика, повикувајќи на повторно отворање на Ормускиот теснец.
„Неодамна објавивме некои мерки, како можеме да ја намалиме побарувачката, но она што го правиме е, да бидам искрен, да го намалиме товарот врз економијата. Единственото најважно решение за овој проблем, како што стојат работите сега е отворањето на Ормускиот теснец“, изјави Фатих Бирол – извршен директор на Меѓународната агенција за енергетика.
„Ормускиот теснец е отворен за сите освен за оние што ја нарушуваат нашата почва“, изјави Објава на претседателот на Иран – Масуд Пезешкијан.
Во меѓувреме, ситуацијата на терен не се смирува. Нападите и контранападите продолжуваат со несмалено темпо.
„Од нас се очекуваат уште недели борба против Иран и Хезболах. Со секој изминат ден, го ослабуваме терористичкиот режим се повеќе. Нема да дозволиме терористичкиот режим и неговите посредници да претставуваат закана за израелските граѓани и Државата Израел“, изјави бригаден генерал Ефи Дефрин – портпарол на израелската војска.
Иран поседува балистичко оружје со кое може да ги загрози Рим и Лондон, пишуваат европските весници, посочувајќи дека американско-израелските напади не ги неутрализирале ракетните капацитети на Техеран. Во исто време, Лондонската полиција истражува антисемитски напад откако беа запалени возила на еврејска служба за брза помош.
Бојана Крстевски
