Сиљановска-Давкова во тридневна официјална посета на Хрватска
Утре во Загреб ќе има средба со нејзиниот домаќин, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Во фокусот на разговорите, билатералните односи, евроинтеграциите и војните на Блискиот Исток и во Украина. Хрватска безрезервно го поддржува членството на Македонија во Европската унија.

Претседателката Сиљановска-Давкова е во тридневна официјална посета на Хрватска. Утре во Загреб ќе има средба со нејзиниот домаќин, хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Во фокусот на разговорите, билатералните односи, евроинтеграциите и војните на Блискиот Исток и во Украина. Хрватска безрезервно го поддржува членството на Македонија во Европската унија. Официјален Загреб смета дека земјава одамна го заслужи членството и неправедно се одолговлекува процесот.
Се очекува шефицата на државата да ги посочи нашите црвени линии, но и подготвеноста за дијалог со Софија, за деблокирање на процесот. Како партнери во НАТО, двете земји континуирано разменуваат информации, со заклучок дека војната во блискиот исток нема директно влијание, освен што се одразува во економијата, за што се преземаат конкретни мерки, пред сè во снабдувањето со нафтени деривати.
Сиљановска-Давкова ќе има тет-а-тет средба и со хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, а ќе разговара и со претставници на македонската заедница во хрватска, ќе оддаде почит и ќе положи венци на споменикот на татковината и на Блаже Конески, во Алејата на книжевниците. Посетата, Сиљановска-Давкова ќе ја заокружи со предавање на правниот факултет во Загреб.
