Тркалезна маса насловена „Воведување на уставна жалба?“
На тркалезната маса се предвидени воведни излагања од претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија Дарко Костадиновски, премиерот Христијан Мицкоски, амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Михалис Рокас и амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Килиан Вал...

Подигнување на свеста и поттикнување суштински институционален дијалог за можните уставни измени и законодавни реформи поврзани со воведување уставна жалба, како механизам за директна заштита на основните слободи и права пред Уставниот суд, е целта на денешната тркалезна маса насловена „Воведување на уставна жалба?“, во организација на Делегацијата на Европската Унија и Уставниот суд на Република Северна Македонија.
Како што информираат организаторите, тркалезната маса ќе обезбеди платформа на високо ниво за размена на мислења меѓу претставници на институции, експерти и други засегнати страни во правниот сектор.
На тркалезната маса се предвидени воведни излагања од претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија Дарко Костадиновски, премиерот Христијан Мицкоски, амбасадорот на Европската Унија во Северна Македонија Михалис Рокас и амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје Килиан Вал.
Предвидено е да се одржи и прес-конференција на претседателите на Уставниот суд и на Владата, како и презентација на наодите од „Анализата за уставната жалба“, подготвена од експертски тим ангажиран во рамки на проектот финансиран од Европската Унија. Во таа насока ќе се обрати раководителот на тимот, Карстен Манке, заедно со правен експерт.
