Блиски Исток

Израел ги продолжува нападите во Иран и во Либан

24.03.2026 12:29

Нетанјаху изјави дека Израел ќе продолжи да ги напаѓа Иран и Либан и покрај тоа што Трамп размислува за прекин на огнот. Обединетите нации велат дека бројот на цивилни жртви во Украина надминал 15 илјади. Најмалку 66 лица загинаа, а десетици се повредени откако се урна транспортен авион во Колумбија...

Израел не се откажува од остварувањето на воените цели во Иран и во Либан. По телефонскиот разговор Трамп – Нетанјаху, израелскиот премиер вели дека нема пауза во борбите и покрај тоа што шефот на Белата Куќа ги одложи нападите врз иранските електрани и го продолжи рокот за повторно отворање на Ормускиот теснец за пет дена.

„Претседателот Трамп верува дека постои можност да се искористат значајните достигнувања на Израелските одбранбени сили и војската на САД за да се остварат воените цели во договор што ќе ги заштити нашите витални интереси. Во исто време, ние продолжуваме да напаѓаме, и во Иран и во Либан“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Трамп вели дека САД и Иран водат навистина добри дискусии што би можеле да доведат до договор за прекин на конфликтот.

„Се надевам дека можеме да постигнеме договор што е добар за сите нас, вклучувајќи ги и сојузниците од Блискиот Исток кои беа многу добри кон нас, вклучувајќи го и Израел кој беше одличен партнер во оваа борба. Ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека има многу големи шанси да завршиме со договор. И затоа даваме пет дена, а потоа ќе видиме каде тоа ќе нè однесе“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Техеран, пак, негира какви било разговори и рече дека американскиот претседател се повлекува по нивните предупредувања и се надева дека ќе ги увери финансиските пазари со лажни вести.

„Не се водени никакви преговори со САД, а лажните вести се користат за манипулирање на финансиските и нафтените пазари и за избегнување на калта во која се заробени САД и Израел“, објави претседателот на парламентот на Иран, Мохамед Багер Калибаф.

Откако војната влезе во четврта недела, шефот на Централната команда на американската војска изјави дека бележат намален ирански оган низ Блискиот Исток. Во услови на енергетска криза, претседателката на Европската комисија порача дека е време Вашингтон и Техеран да ги запрат непријателствата и да седнат на преговарачка маса.

„Ситуацијата е критична за снабдувањето со енергија низ целиот свет. Сите ги чувствуваме последиците врз цените на гасот и нафтата, нашите бизниси и нашите општества. Но, од најголема важност е да дојдеме до решение. И ова ќе стави крај на непријателствата што ги гледаме на Блискиот Исток“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.

САД го одредиле 9-ти април како можен датум за завршување на војната со Иран, објавија израелски медиуми.

 

Маријана Димовска