Поголема заштита на земјоделците од природните ризици
Новото осигурување ќе им овозможи заштита на земјоделците од сите ризици предизвикани од природните непогоди...

Полисите за осигурување на посевите се подостапни за земјоделците. Со новото осигурување агентите нема да ги премеруваат штетите туку директно ќе се исплаќа според просечниот принос, оценуваат од ресорното министерство.
„МЗШВ, неколку години по ред ги охрабрува и финансиски ги помага земјоделските производители да ги осигураат своите посеви од временски неприлики. Откако оваа Влада почна со субвенционирање на осигурувањето, фармерите се повеќе размислуваат како полисите да ги прилагодат на сопствените потреби, а осигурителните компании како да го доближат до корисниците. Новото осигурување ќе им овозможи заштита на земјоделците од сите ризици предизвикани од природните непогоди“, рече Ванчо Костадинов, заменик министер за земјоделство.
Годинава поголем дел од овошјето е со послаб квалитет и пониска цена. Овој овоштар од Радовишко вели дека поради болести има загуби во приносите.
„Цела пролет беше лоша за сливарите и овоштарите,и за лозарите. Лозарите се катастрфоа имаат 50 посто принос помал од лани, пламеницата го направи своето“, вели Илиев Илија, овоштар од радовишко.
Со новото осигурување кое дел е субвенционирано и од државата ќе се обезбедат евентуалните загуби на земјоделците за секоја поединечна земјоделска култура. И би требало ги ублажи проблемите какви што ги има Илиев.
„Се работи за уникатен пристап во осигурувањето во земјоделството, преку кој сите земјоделци на ниво на една општина се третираат подеднакво. Исплатите на оштетените побарувања ќе се вршат автоматски, наместо како досега со примена на теренска проценка на штети и загуби на поединечни парцели со што дополнително се поедноставува целиот процес и значително се добива на брзина при исплатата на штетите“, рече Климе Поповски од Агенција за супервизија на осигурување.
„Над 40 проценти од територијата е ранлива на суши, а со климатските промени тоа се очекува да се зголеми“ реч Надица Јовановска - Бошевска.
Полисите за осигурувањена есенската пченица и јачменот веќе се достапни, а наскоро ќе има и за пролетната пченка и винското грозје. Лани својот род го осигурале 1500, а до август годинава се пријавиле 2100 земјоделци за субвенционирање на посевите.
Дијана Ценевска
