Техеран негира преговори, цената на нафтата повторно расте
Најава на Трамп ја спушти, демантот на Техеран за преговори со САД повторно ја крена цената на нафтата. Завојуваните страни јавуваат за нови напади, унијата ги повика САД и Иран да ги запрат непријателствата и да го одблокираат Ормускиот теснец.

Израел не се откажува од остварувањето на воените цели во Иран и во Либан. По телефонскиот разговор Трамп – Нетанјаху, израелскиот премиер вели дека нема пауза во борбите и покрај тоа што шефот на Белата Куќа ги одложи нападите врз иранските електрани и го продолжи рокот за повторно отворање на Ормускиот теснец за пет дена.
„Продолжуваме да го напаѓаме Иран со сета сила. Во врска со Либан, Хезболах направи голема грешка кога го нападна Израел, како застапник на терористичкиот режим, и ќе плати висока цена“, изјави Израел Кац – министер за одбрана на Израел.
Трамп вели дека САД и Иран водат навистина добри дискусии што би можеле да доведат до договор за прекин на конфликтот.
„Се надевам дека можеме да постигнеме договор што е добар за сите нас, вклучувајќи ги и сојузниците од Блискиот Исток кои беа многу добри кон нас, вклучувајќи го и Израел кој беше одличен партнер во оваа борба. Ќе видиме што ќе се случи. Мислам дека има многу големи шанси да завршиме со договор. И затоа даваме пет дена, а потоа ќе видиме каде тоа ќе нè однесе“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.
Техеран, пак, негира какви било разговори и рече дека американскиот претседател се повлекува по нивните предупредувања и се надева дека ќе ги увери финансиските пазари со лажни вести.
„Не се водени никакви преговори со САД, а лажните вести се користат за манипулирање на финансиските и нафтените пазари и за избегнување на калта во која се заробени САД и Израел“-објава на Претседателот на парламентот на Иран – Мохамед Багер Калибаф.
Во услови на енергетска криза, претседателката на Европската комисија порача дека е време Вашингтон и Техеран да ги запрат непријателствата и да седнат на преговарачка маса. Германија со критики за војната.
„Ситуацијата е критична за снабдувањето со енергија низ целиот свет. Сите ги чувствуваме последиците врз цените на гасот и нафтата, нашите бизниси и нашите општества. Но, од најголема важност е да дојдеме до решение. И ова ќе стави крај на непријателствата што ги гледаме на Блискиот Исток“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
Откако војната влезе во четврта недела, шефот на Централната команда на американската војска изјави дека бележат намален ирански оган низ Блискиот Исток. Нови удари регистрирани во Тел Авив. САД го одредиле 9 април како можен датум за завршување на војната со Иран, објавија израелски медиуми.
Маријана Димовска
