Енергетика

Мазут од државните резерви, договорен нов попуст

24.03.2026 17:00

Ситуацијата со снабдувањето со горива е стабилна и нема потреба да се воведуваат ограничувања – владата со смирувачки пораки до граѓаните. Договорен е дополнителен попуст за дизелот, со ослободување мазут од државните резерви ќе се спречува поскапување на струјата. Опозицијата критикува – мерките се недоволни и бара да се прифатат нејзините предлози.

Нема опасност за недостиг од гориво и струја во земјава, состојбата е стабилна, уверува Владата. Премиерот Мицкоски ги смирува граѓаните – државата располага со доволно количества нафтени деривати, продуктоводот е во функција, снабдувањето се одвива без проблеми. Се отвора можноста и за пласирање мазут од државните резерви, со цел да се одржи стабилноста на енергетскиот систем и да се спречи дополнителен ценовен притисок.

Дополнително, попустот за дизел гориво се зголемува на 3 денари до 6-ти април, во договор со најголемиот снабдувач.

Опозицијата бара да се прифатат нивните предлози, оти растот на цените на енергенсите и горивата директно водат кон поскапа храна.

Промена на правилникот за утврдување на цените, како и воведување на пресметка на цените најмалку двапати неделно, побара ДУИ.

Од Владата рекоа дека странските државјани точат гориво кај нас бидејќи цените се и до половина евро пониски отколку во нивните земји. Потрошувачката во пограничните региони е зголемена за 10%.

Владата мора будно да ја следи состојбата на Блискиот Исток, оти ценовните осцилации се непредвидливи.

 

Борис Грујоски