Здравство

Соработка со Американци за трансплантација на рожница

24.03.2026 15:53

На Клиниката за очни болести, со американска поддршка се извршени 16 трансплантации на рожница. Спасен е видот и на 13-годишно момче, а биле пресадени и 15 ткива.

Спасен е видот на 13-годишно момче, трансплантирана му е рожница. Тој е најмладиот кому му е извршена оваа интервенција. На клиниката на очни болести пресадени сè уште 15 ткива на пациенти . Операциите се изведени со помош на американски доктори, а рожниците се донација од САД.

„Детето е со поставена дијагноза на состојба којашто е стекната и која се стекнува меѓу првата или втората декада. Тоа е состојба доколку не сè се направи овој тип на интервенција ќе има траен губиток на видот“, изјави д-р Наташа Трпевска Шеќеринов – директорка на Клиниката за очни болести.

„Трансплантацијата покрај тоа што спасува животи, гледаме дека го подобрува квалитетот на живот. Имаме пациенти кои биле слепи, а сега ги излекуваме од слепило. Меѓутоа, сето тоа е благодарение на донирани ткива“, изјави д-р Биљана Кузмановска – национален координатор за трансплантација.

Министерот Алиу вели – преку соработка со американските лекари се унапредува знаењето на кадарот и се применуваат светски техники.

„Без примена на нови техники и знаења џабе ни е да имаме материјал за трансплантација. Се надевам дека ќе имаме уште една соработка со Дјук универзитетот за да може овие техники да бидат дел од здравствените услуги што ќе ги нуди клиниката за очни болести“, изјави Азир Алиу – министер за здравство.

Соработката со американските доктори почна лани, при нивната прва посета беа извршени трансплантации кај девет пациенти.

Македонските и американските доктори досега извршија 25 трансплантации на рожница. Со ова Македонија се вбројува меѓу ретките земји во регионот каде се извршуваат овие сложени интервенции.

Андријана Ѓурческа