Трамп: САД во преговори со Иран за крај на војната
И покрај негирањата од Иран, американскиот претседател Трамп вели дека Вашингтон е во преговори со Техеран за завршување на војната. Тврди дека е подготвен е план од 15 точки за окончување на конфликтот. Во меѓувреме, последиците врз светската економија секојдневно се зголемуваат. Берзите се распаѓаат, цената на нафтата расте.

САД тврдат дека ја добиле „војната“ против Иран и дека Техеран се согласил никогаш да не поседува нуклеарно оружје. Белата куќа додава дека водечките дипломати, Венс и Рубио, преговараат со Иран за да се стави крај на конфликтот. Преку Пакистан му доставиле на Иран мировен план од 15 точки, сличен на оние што ги применуваа во Газа и Либан
„Во моментов сме во преговори и можам да ви кажам дека тие би сакале да постигнат договор. А кој не би сакал? Можеме да направиме што сакаме, но се воздржавме поради преговорите. Не сакам да зборувам однапред, но тие се согласија дека никогаш нема да имаат нуклеарно оружје“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Техеран отфрла какви било преговори и ги исмејува напорите на САД. Порача дека ништо нема да се врати во претходниот поредок без нивна согласност и дека никогаш нема да се согласи со американските барања. Иран има и свои услови – бара отштета и крај на санкциите за мир на Блискиот Исток.
„Стратешката моќ за која зборувавте се претвори во стратешки неуспех. Ако навистина бевте суперсила, веќе ќе најдовте излез од оваа ситуација. Не го нарекувајте вашиот пораз-договор. Вашата ера на празни ветувања заврши. Дали вашите внатрешни конфликти стигнале до точка каде што преговарате сами со себе?“, изјави Ебрахим Золфагари, портпарол на централното седиште на иранската Катам ал Анбија.
Тел Авив потврди дека не учествува во преговори со Техеран и продолжува со воените операции, додека при напад на Хезболах врз Израел е пријавена првата жртва.
„Не сум запознаен со нашето учество во вакви разговори. Додека зборуваме, Израел и САД, продолжуваат со таргетирање воени цели во Иран и ќе продолжиме да го правиме тоа. Знаеме дека на крајот секој конфликт, завршува со дипломатија. И ќе се погрижиме Иран да нема нуклеарен капацитет ниту балистички ракети и да се постигнат целите поставени пред еден месец“, истакна Дени Данон, израелски амбасадор во Обединетите нации.
Турција сугерира дека Израел се обидува да ги саботира мировните напори.
„Не смее да се дозволи бескомпромисниот, максималистички, радикален став на Израел да ги саботира дипломатските решенија. Ниту една земја што го цени светскиот мир и стабилност не треба да продолжи да додава масло на огнот што Израел неправедно го запали во нашиот регион“, изјави турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган.
Оптимизмот на Трамп доаѓа додека околу илјада американски војници се распоредуваат во регионот, наводно за повторно отворање на Ормускиот теснец-водниот пат од витално значење за глобалниот превоз на нафта. Иран и натаму тврди дека тој е отворен, и дека „ненасилни бродови“ можат да поминат низ него под услов да се координираат со иранските власти.
„Ненасилни бродови, вклучувајќи ги и оние кои припаѓаат или се поврзани со други држави, можат — доколку не учествуваат и не поддржуваат агресивни дејства против Иран и целосно ги почитуваат објавените правила за безбедност — да користат безбедно поминување низ Ормускиот теснец во координација со надлежните ирански власти“, се вели во објавата на мисијата на Иран во ОН.
Југоисточна Азија продолжува да се соочува со недостиг на гориво и зголемување на цените, а Филипините се првата земја во светот што прогласи вонредна состојба.
„Колку подолго трае кризата, толку подлабока ќе биде и сосема е веројатно дека и други земји во регионот на Југоисточна Азија би можеле да го следат примерот“, изјави Путра Адигуна, генерален директор на Институтот за промена на енергијата.
Американскиот Конгрес повторно ја отфрли резолуцијата за одобрение на идни воени акции на САД против Иран, поради отпорот на републиканците.
Бојана Крстевски
