Култура

Објавена монографијата „Време на прекршувања – време на Голи Оток“ од Виолета Ачкоска

25.03.2026 09:52

Оваа книга е резултат на повеќегодишни истражувања и во неа е отсликано едно специфично време на идеолошко-политички прекршувања на општествен план, но и на лични прекршувања на луѓето кои не можеле да се снајдат во силните пресврти што се случувале во рамките на нападот на Информационото биро на комунистичките и работничките партии врз Комунистичката партија на Југославија (1948-1956).

Во издание на „Панили“ е објавена нова книга важна за македонската историографија – монографијата „Време на прекршувања – време на Голи Оток“ од универзитетската професорка Виолета Ачкоска. Оваа книга е резултат на повеќегодишни истражувања и во неа е отсликано едно специфично време на идеолошко-политички прекршувања на општествен план, но и на лични прекршувања на луѓето кои не можеле да се снајдат во силните пресврти што се случувале во рамките на нападот на Информационото биро на комунистичките и работничките партии врз Комунистичката партија на Југославија (1948-1956).

Преку користење документи и литература од различна провениенција, Ачкоска, во оваа монографија го анализира времето на почетоците на Студената војна и формирањето на ИБ, судирот Сталин-Тито, начините на справување со приврзаниците на СССР и ИБ, системот на „општествено превоспитување“ и судбината на Македонците на Голи Оток и во другите логори за „информбировци“, и на крај, процесот на десталинизација и рехабилитација. Притоа, како што оценува рецензентот, професорот Никола Жежов, направен е успешен обид, од „заедничката“ историја на Инфорбирото да се раскаже дел од посебната македонска приказна.

Во рамките на достапната документација и различна литература, избрана е онаа, која на најсоодветен начин и најаргументирано ги претставува тогашните случувања и главните актери кои или ја креирале дадената политика или биле нејзини жртви. Иако голем дел од документацијата за ова време е уништена, а сведоците не се меѓу живите, Виолета Ачкоска успеала со критичка анализа на бројни полициски досиеја, архивски записи, документи од домашните архиви и архивите во Белград, Љубљана и Софија, документите на ЦИА, мемоарска и друга литература и сеќавања на дел од „информбировците“ или нивните потомци, да направи историски веродостојна реконструкција на историските појави и процеси и да расветли одделни нерасветлени моменти од тоа време.

Како што се наведува во монографијата, „Информбировците“ во Македонија со децении биле жигосани како „непријатели“, бојкотирани во нивните средини, нивното однесување следено итн. И покрај чекорите за рехабилитација, поголемиот дел речиси никогаш до крај не биле рехабилитирани, дури ни оние кои се сложиле да бидат информатори. За повеќето тоа бил многу срамен и понижувачки чин, а некои го чувствувале како продолжување на казната, само на друг начин.

Начинот на презентација во „Време на прекршувања – време на Голи Оток“ е проблемски, при што се тргнува од општото кон посебното, проследено хронолошки. Од општата рамка се доаѓа до македонските состојби, а честопати Република Македонија (ДФМ/НРМ/СРМ) се обработува низ југословенските случувања, со оглед на фактот што во овој период таа е дел од југословенската федерација и подлежи на генералната политика на КПЈ. Во одделни анализи се излегува од историската рамка на Информбирото, со цел да се објасни генезата на одделно прашање.

Монографијата „Време на прекршувања – време на Голи Оток“ е достапна во книжарниците на „Матица македонска“, како и преку веб-страницата, а наскоро ќе се одржи и промоција.