Блиски Исток

Вашингтон испратил мировен план, Техеран се потсмева

25.03.2026 18:01

И покрај негирањата од Иран, американскиот претседател Трамп вели дека Вашингтон е во преговори со Техеран за завршување на војната. Тврди дека е подготвен е план од 15 точки за окончување на Конфликтот. Во меѓувреме, последиците врз светската економија секојдневно се зголемуваат. Берзите се распаѓаат, цената на нафтата расте...

САД тврдат дека ја добиле „војната“ против Иран и дека Техеран се согласил никогаш да не поседува нуклеарно оружје. Белата куќа додава дека водечките дипломати, Венс и Рубио, преговараат со Иран за да се стави крај на конфликтот. Преку Пакистан му доставиле на Иран мировен план од 15 точки, сличен на оние што ги применуваа во Газа и Либан

„Тие би сакале да постигнат договор. Можеме да направиме што сакаме, но се воздржавме поради преговорите. Не сакам да зборувам однапред, но тие се согласија дека никогаш нема да имаат нуклеарно оружје“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Техеран ги отфрла преговорите и ги исмејува напорите на САД, порачувајќи дека нема да се согласи со американските барања. Има свои услови-бара отштета и укинување на санкциите.

„Ако навистина бевте суперсила, веќе ќе најдовте излез од оваа ситуација. Не го нарекувајте вашиот пораз-договор. Вашата ера на празни ветувања заврши. Дали вашите внатрешни конфликти стигнале до точка каде што преговарате сами со себе?“, изјави Ебрахим Золфагари, портпарол на централното седиште на иранската Катам ал Анбија.

Израел потврди дека не учествува во преговори и продолжува со воените операции, пријавувајќи ја првата жртва при напад н Хезболах.

„Не сум запознаен со нашето учество во вакви разговори. Додека зборуваме, Израел и САД, продолжуваат со таргетирање воени цели во Иран и ќе продолжиме да го правиме тоа“, изјави Дени Данон, израелски амбасадор во Обединетите нации.

Турција сугерира дека Израел се обидува да ги саботира мировните напори.

„Не смее да се дозволи бескомпромисниот, максималистички, радикален став на Израел да ги саботира дипломатските решенија“, изјави Реџеп Таип Ердоган, претседател на Турција.

Во меѓувреме, САД распоредуваат околу илјада војници во регионот, наводно за отворање на Ормускиот теснец — клучен за глобалниот транспорт на нафта. Иран и натаму тврди дека тој е отворен за „ненасилни бродови“.

„Ненасилни бродови, вклучувајќи ги и оние кои припаѓаат или се поврзани со други држави, можат — доколку не учествуваат и не поддржуваат агресивни дејства против Иран — да користат безбедно поминување низ Ормускиот теснец во координација со надлежните ирански власти“, објава на мисијата на Иран во ОН.

Кризата веќе се одразува глобално. Југоисточна Азија се соочува со недостиг на гориво и раст на цените, а Филипините се првата земја во светот што прогласи вонредна состојба.

„Колку подолго трае кризата, толку подлабока ќе биде и сосема е веројатно дека и други земји би можеле да го следат примерот“, изјави Путра Адигуна, генерален директор на Институтот за промена на енергијата.

Меѓународната агенција за енергија е подготвена да ослободи нови резерви на нафта ако блокадата продолжи. И покрај веќе ослободените 400 милиони барели, најголемиот дел од резервите остануваат достапни. Во меѓувреме, Конгресот повторно ја отфрли резолуцијата за одобрение на идни воени акции на САД против Иран, поради отпорот на републиканците.

 

Бојана Крстевски