Економија

Власта и опозицијата ги кршат копјата за економските политики

25.03.2026 17:18

Власта и опозицијата ги кршат копјата за економските политики. Премиерот Мицкоски најави 17 странски инвестиции и 5 илјади нови работни места. Тој ги правда потезите што се влечат во енергетиката, СДСМ критикува – мерките што се преземаат не се доволни...

Енергетскиот пазар е динамичен. Во одреден период кога цената на берзите е нула или во минус, логично е да се презема таа енергија наместо да се трошат домашните акумулации – објасни премиерот Мицкоски, со што им одговори на ДУИ кои обвинија за „купување на електрична енергија“ за основни потреби, со што имплицираа дека државата се соочува со недостиг на овој ресурс.

Мицкоски додаде дека има дневна комуникација со раководството на ЕСМ и оти зделките што ги правеле СДСМ и ДУИ се веќе во минатото.

„Во текот на ноќните часови извезува односно продава на берзите околу 850 мегават-часови, што дневно на компанијата ѝ носи додадена вредност меѓу 100 и 150 илјади евра. Инаку, да, постојат периоди од годината кога се увезува струја, постојат периоди кога ќе се извезува“. „Оние долгови што беа својствени за владата на СДСМ-ДУИ, оние трансфери од буџетот 150, 200 милиони евра што завршуваа во фирми со сомнителни бизнис-зделки и во набавката на мазут, инстант компании што носеа јаглен од соседството по цена што беше 30 до 50 отсто поскапа, се во минатото“, изјави Мицкоски.

СДСМ со став дека мерките на Владата се задоцнети и не даваат ефект. Цените вртоглаво растат, а владата одби да ја зголеми минималната плата на 600 евра, што директно удри на џебот на граѓаните-обвинуваат социјалдемократите.

„Ова го прави намерно заради заштита на приватни бизниси. Проблемот за граѓаните е веќе тука – активирана е спиралата на раст на цените на храната. Маслото за јадење е над 100 денари, јајцата над 300 денари, овошјето и зеленчукот над 100 денари за килограм, месото е веќе покачено. Сè е поскапено, цените растат, а платите не мрдаат“, изјавија од СДСМ.

Владата во декември донесе одлука со која на располагање стави 3.200 тони мазут, кои ќе се користат согласно потребите на енергетскиот систем.

Марина Стојанова-Тонева