Недостиг од лекови на Онкологија
На Онкологија повторно недостиг на дел од терапиите за болните од рак. Пациентите се жалат, клиниката смирува – јавните набавки се во тек, снабдувањето со лекови ќе се стабилизира.

Пациентките со канцер на дојка се или без терапија или се лекуваат половично, бидејќи на Клиниката за онкологија се потрошила терапијата набавена лани. Недостигаат и терапии за канцер на бели дробови, за меланом, а и другите се при крај. Едни пациенти го губат континуитетот во лекувањето, други сè уште не почнале.
Од Клиниката потврдуваат дека има застој во терапијата, но очекуваат со новите јавни набавки наскоро да се надмине проблемот.
„За „Фезго“ е веќе изготвен анекс на постоечката јавна набавка, со што ќе се обезбеди континуитет во снабдувањето. За „Рибоциклиб“ и „Палбоциклиб“, со новата јавна набавка, очекуваме во најскоро време стабилизација на снабдувањето со лекови и обезбедување континуиран третман на пациентите. Потребно е да се нагласи дека поради континуираното зголемување на бројот на пациенти со малигни заболувања, како и подобрените исходи од терапијата, се зголемува и вкупната потрошувачка на лекови од година во година“, вели д-р Игор Стојковски, директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија.
Лекови за сите би имало во средината на мај.
Новодијагностицирани пациенти со канцер, на оние на коишто болеста им е откриена минатата година, мора да чекаат да се распише новиот тендер, да се заврши постапката за да почнат да се лекуваат.
Здружението на пациенти бара лековите за канцер на дојка да бидат на позитивната болничка листа, како и лековите за рак на мочен меур и на бели дробови.
Наташа Јанчиќ – Менковски
