Случај „Пулс“

Рочиштето за „Пулс“ продолжи со нови сведоштва

25.03.2026 17:10

Нови сведоштва за кочанската трагедија во дискотеката „Пулс“, која однесе 63 животи и над 200 луѓе остави повредени. Во големата судница во затворот „Идризово“ продолжи судскиот процес, каде на обвинителна клупа се 35 физички и три правни лица. Обвинителството за денеска имаше повикано тројца сведоци од општина Кочани.

Клубот „Пулс“ не смеел да добие лиценца за работа, бидејќи се наоѓа во зона за лесна и незагадувачка индустрија. Ова го тврди сведокот Драги Илијевски, вработен во општина Кочани кој пред судот кажа дека за отворањето на клубот, на место на магацин за теписи, разбрал од луѓе кои зборувале низ градот.

Општината не испратила градежен инспектор на увид, бидејќи, како што рече сведокот, околу објектот немало градежни активности кои укажувале дека се врши преадаптација на просторот.

„Имаше едно барање за паркинг места од ’Класик ДМ‘, преку Дејан Јованов. Ние одговоривме дека може да се користат паркинг места, за лесна индустрија. Барањето беше пред да стане ’Класик‘ угостителски објект, односно на 3.10.2012 година. По одредени сознанија дека таму ќе се прави дискотека, ние решението за дозволените паркинзи за лесна индустрија го поништивме. Известувањето го доставивме до ’Класик‘ и до Дејан Јованов. Натаму, го известивме и Државниот пазарен инспекторат. Тогашниот градоначалник Ратко Димитровски имаше исти такви сознанија, па го праша Министерството за економија на 19.10.2012 година дали е поднесено барање за лиценца и дали е дадена лиценца за дискотека во тој објект. Одговор не добивме. На 6.11. Испратив барање до Пазарниот инспекторат да не се издаде лиценца на ’Класик ДМ‘ за дискотека“, изјави сведокот.

Сведокот кажа и дека на истата локација нема деловни објекти, а хотелите што се изградени имале посебна маркичка.

Судењето продолжува на 6-ти април.

Анита Димитријевска - Велковска