Глобалните конфликти носат опасност од радикализација
Безбедна држава во небезбеден свет – колку далеку е војната во Иран и колку блиску ќе станат нејзините последици? Додека се кројат сценарија за поширок конфликт, регионот се подготвува за невидливи последици – од бегалски бранови до психолошка војна. Експертите предупредуваат: војната во Иран може да го стигне и балканот, преку економија, безбедност и страв.

Македонија е безбедна, но во услови на сложени геополитички и безбедносни состојби, многу тешко е да се процени и предвиди во која насока ќе се движат работите и какви рефлексии ќе има војната во Иран. Вака заклучија учесниците на безбедносна дебата за радикализацијата и глобалните конфликти организирана од Македонско здружение на млади правници.
Сериозни се подготовките во конфликтот да се вклучат и повеќе земји на НАТО, Велика Британија, како и соседните држави на Иран, вели Павле Трајанов. Доколку се започне со копнена интервенција во Иран, тогаш ќе се соочи Балканот и ЕУ со огромни бранови на бегалци, како и обиди за терористички акти.
Последиците од војната на Блискиот Исток се видливи насекаде, посебно на економски план. Растот на цените на енергија, а со тоа и на сè што е поврзано со енергија, има и ќе има последици и во Македонија. Добро планирани мерки и внатрешното единство се клучни за спречување на драматични последици.
Учесниците на конференцијата потенцираа дека во една вака сложена воено-безбедносна состојба, на Балканот сме сведоци на таканаречена психолошка војна преку пренагласување на воените капацитети и вооружување, за наводни воени судири и прекројување на границите. Јасно укажаа и на фактот дека во земјава е неопходна онлајн безбедност.
Катерина Топалова
