Бизнис заедницата: Буџетот е во функција на развој на стопанството

15.09.2014 17:17

Бизнис заедницата коментира дека растот во првиот квартал и остварените 4,3 % зголемување на БДП во вториот, се добра основа во 2015 –та да очекуваме зголемување од 4%...

345 милиони евра буџетски пари ќе бидат насочени во капитални проекти и во инфраструктура во 2015-та. Со нив ќе се поддржи растечкиот циклус на градежниот сектор кој придвижува  дополнителни дваесетина индустриски гранки. Изминативе четири години очигледна е експанзијата на градежните компании, велат од Сојузот на стопански комори. Реализирани се бројни крупни проекти, а градежниците бележат финансиски ефекти, најдобри од осамостојувањето.

„Сега имаме континуитет со инфраструктурни проекти и сметаме дека македонските компании и градежниот сектор воопшто ќе остане да биде двигател на македонската економија и во наредната година“, вели Сеад Кочан, претседател на Градежната комора.

Вака конципираниот буџет е во функција на поддршка на приватниот сектор, инвестициите и на зголемување на личната потрошувачка кои ќе овозможат генерирање на посакуваниот економски раст,  велат бизнисмените. Најважни се капиталните трошења во патната и во железничката инфраструктура, но секако и инвестициите во образованието и здравството, изградбата и реконструкцијата на училишта, градинки, болници, спортски сали.

„Целиот овој склоп на активности сметаме дека позитивно ќе влијае на економската состојба во земјата, односно на стопанството. Исто така значаен фактор е што се издвоени и 140 милиони евра субвенции за поддршка на земјоделскиот сектор”, рече Митко Алексов, извршен директор на Сокузот на сопански комори.

Иако сме тесно поврзани со европската економија и најавите за низок раст во еврозоната, економските експерти се убедени дека домашната економија со внатрешни сили може да оствари уште  подобар резултат од годинава.

Бизнис заедницата коментира дека растот во првиот квартал и остварените 4,3 %  зголемување на БДП  во вториот, се добра основа во 2015 –та да очекуваме зголемување од 4% .

Свето Николовски