Трамп тврди дека Иран преговара, Техиран негира
Речиси месец од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток, спротивставени пораки од Вашингтон и од Техеран дали воопшто се водат разговори меѓу САД и Иран. Од Белата куќа тврдат дека комуникацијата е во тек, додека иранските власти негираат дека има било какви преговори.

САД се блиску до остварување на клучните цели на операцијата „Епски бес“, велат во Белата Куќа. Во согласност со претходните проценки за тоа ќе бидат потребни меѓу четири и шест недели. Американскиот претседател изјави дека Иран очајно сака да постигне договор за ставање крај на борбите, но се плаши да го признае тоа поради револтот од сопствениот народ.
„Решивме осум војни, луѓето некако забораваат. И добиваме уште една. Победуваме толку силно, никој досега не видел вакво нешто на Блискиот Исток. И тие преговараат, патем, и толку многу сакаат да склучат договор, но се плашат да го кажат тоа затоа што мислат дека ќе бидат убиени од сопствениот народ. Исто така се плашат дека ќе бидат убиени од нас“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Сепак, шефот на иранската дипломатија вели дека земјата ќе продолжи да се брани и засега нема намера да преговара. САД му понудија на Иран план од 15 точки за крај на воените дејствија. Техеран возврати со пет услови, меѓу кои бара укинување на санкциите и исплата на репарации.
„Досега не се случиле никакви преговори. Со сигурност го кажувам ова дека немаме разговори и преговори со нашите американски колеги. Но, во текот на изминатите неколку дена, нашите американски колеги почнаа да испраќаат пораки преку други земји кои се наши пријатели. Ако има пораки преку други, на кои одговараме со наш сопствен став и барања, тоа не се нарекува разговор, ниту преговори, ниту нешто слично“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.
Американската војска подготвува да распореди најмалку 1.000 војници на Блискиот Исток во наредните денови. Се погласни се шпекулациите за копнена офанзива на САД врз виталниот нафтен центар на островот Харг во услови на глобален раст на цените на енергенсите.
„Оштетивме или уништивме над две третини од иранските капацитети за производство на ракети, беспилотни летала, бродови и бродоградилишта. И сè уште не сме завршиле. На пат сме целосно да го елиминираме поширокиот воен производствен апарат на Иран, поради што мојата оперативна проценка продолжува да биде: борбената способност на Иран опаѓа додека борбената способност на САД продолжува да се зголемува“, изјави адмирал Бред Купер, шеф на Централната команда на САД.
Сирени за воздушен напад се огласија низ централен Израел, вклучувајќи ги Тел Авив и делови од Ерусалим. Израелските власти велат дека војната продолжува и во Иран и во Либан и објавија дека не учествуваат во преговорите.
Маријана Димовска
