Бизнис форум во Каџели

По инвестиции во центарот на турската автомобилска индустрија!

15.09.2014 17:23

Премиерот Груевски и останатите во тимот на форум и во директен разговор со турските бизнисмени ги презентираа можностите и поволностите за странски инвестиции...

Владината делегација предводена од премиерот Груевски во центарот на турската автомобилска индустрија. Се презентираат условите за бизнис во Македонија со цел турските гиганти да отвораат свои фабрики во земјава.

Првата станица Измит во областа Каџели, токму во центарот на автомобилската индустрија. Премиерот Груевски и останатите во тимот на форум и во директен разговор со турските бизнисмени ги презентираа можностите и поволностите за странски инвестиции. Пред присутните на форумот Груевски посочи дека во 2006-та според Светската банка, Македонија била рангирана на 94-то место, но, денеска земјата е на 25-то по поволностите за инвестирање.

„Ние сме најмногу фокусирани за создавање на добра бизнис клима. Тоа е нашиот приоритет којшто ќе ги охрабри компаниите да направат нови инвестиции и ќе ги привлече странските компании да дојдат во Макеоднија и таму да ја направат својата следна инвестиција“, нагласи пред присутните премиерот Никола Груевски.

На форумот потенцирано дека Македонија има стабилна макроекономска состојба и стабилен  и низок процент на инфлација, што е особено значајно за странските инвеститори.

„Главните трговски партнери на Макеоднија секако се Германија, Бугарија, Грција, Србија... меѓутоа што повеќе инвестиции влегуваат, нашата трговска размена се зголемува и со другите земји- членки на ЕУ, но и другите земји од светот“, рече министерот за привлекување странски инвестиции, Бил Павлески.

Извршниот директор на „Охи груп- корпорација“, Јуксел Ишбилир, по форумот веќе ги објави производствените планови за бизнис во Македонија.

„Најдобра околност е да се започне бизнис во Македонија. Тоа ние го одлучивме. Затоа вклучуваме компанија од Битола за производство на гумени лепенки за гуми и други производи од гума. Планот е да дојдеме најдоцна во октомври“, изјави Ишбилир.

Турција е меѓу 10-те најзначајни трговски партнери на македонија, турските инвестиции во земјава во последните две години изнесуваат 44 милиони евра. Владината делегација ќе присуствува и на форумите во Ескишехир, Анкара, Адана и Мерсин, а во среда ќе биде остварени средби со турскиот претседател Ердоган и премиерот Давитоглу.

 

Миле А. Ристески