Приведен 72-годишник од Валандово за семејно насилство и нелегално оружје
Осомничениот физички ја нападнал сопругата и нападнал полицаец, а при претрес кај него било пронајдено оружје и муниција.

Полицијата приведе 72-годишен жител на Валандово по пријава за семејно насилство и напад врз полициски службеник.
Како што информираат од МВР, настанот се случил на 24 март околу 16 часот, кога осомничениот во семејниот дом физички ја нападнал неговата 68-годишна сопруга и ѝ нанел телесни повреди. При интервенцијата, тој се однесувал агресивно и нападнал еден од полицајците.
Лицето било лишено од слобода и задржано во полициска станица, а со негова согласност бил извршен претрес во домот, при што биле пронајдени три пиштоли, ловечка пушка, 45 куршуми и седум ловечки патрони, кои ги поседувал нелегално.
За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија, а по целосно документирање ќе биде поднесена соодветна пријава.
