Регионална конференција за интернационализација на високото образование во Скопје
Министри, експерти и универзитетски претставници од регионот дискутираат за унапредување на квалитетот и соработката во образованието.

Во Скопје денеска беше отворена регионалната конференција за интернационализација на високото образование во Западен Балкан и Југоисточна Европа, во организација на Советот за регионална соработка, Светската банка и Министерството за образование и наука.
Настанот обединува министри, креатори на политики, универзитетски лидери и експерти, со цел унапредување на заедничка регионална агенда за подобрување на квалитетот, мобилноста и конкурентноста на високото образование.
Министерката за образование Весна Јаневска истакна дека целта е премин од дијалог кон конкретна регионална патоказна карта, додека од RCC нагласија дека регионалната соработка е клучна за подготовка на образовните системи за иднината.
„Нашиот регион веќе презеде важни чекори за намалување на бариерите и овозможување студентите и професионалците послободно да се движат, учат и работат. Следниот чекор е да се осигураме дека нашите системи се усогласени, споредливи и способни да обезбедат реални можности низ регионот. Регионалната соработка не е опција, туку единствениот начин да се подготват нашите образовни системи за иднината“, изјави Амер Капетановиќ, генерален секретар на RCC.
Конференцијата ќе резултира со изработка на регионален политички документ и насоки за понатамошна соработка, како дел од пошироките цели за интеграција и развој на регионот.
