Здравство

Цената на суплементите ќе расте, на лековите е иста

26.03.2026 13:59

Се очекува благо зголемување на цените на суплементите во аптеките, додека лековите остануваат со непроменета цена, а од 1-ви мај околу 300 лекови ќе поевтинат. Надлежните уверуваат во подобра достапност на терапијата, но предупредуваат дека глобалните кризи може да влијаат врз снабдувањето, апелирајќи граѓаните да не создаваат непотребни резерви.

Во аптеките се очекува покачување на цените, но само на суплементите од 5 до 10 проценти, лековите остануваат со иста цена, а од 1-ви мај околу 300 лека ќе поевтинат.

Терапијата за притисок, антикоагуланси, лекови за регулирање на срцевата работа граѓаните ќе можат да ги набават во најблиската аптека, нема да мора да одат во соседството.

Но, добата вест за пониски цени е засенета од стравот дека кризата на Блискиот исток може да прекине снабдување со суровини, или скапиот транспорт ќе влијае на цената и достапноста на медикаментите.

Од Здружението на приватни аптеки апелираат до граѓаните да не прават резерви на лекови, за на тој начин да не создаваат вештачка криза.

Наташа Јанчиќ-Менковски