БЛИСКИ ИСТОК

Војната продолжува - нови напади во Израел, Иран и Либан

26.03.2026 16:04

САД и Иран со спротивставени изјави. Вашингтон тврди се водат преговори, Техеран негира и вели дека испраќа поради преку пријателски земји. Војната продолжува. Се погласни се шпекулациите за копнена офанзива на САД врз виталниот нафтен центар на островот Харг. Нови напади во Израел, Иран и Либан. Израелските власти соопштија дека го ликвидирале и шефот на морнарицата на иранската револуционерна гарда...

САД се блиску до остварување на клучните цели на операцијата „Епски бес“, велат во Белата Куќа. Иран очајно сака да постигне договор за ставање крај на борбите, но се плаши да го признае тоа поради револтот од сопствениот народ, вели американскиот претседател.

„Решивме осум војни, луѓето некако забораваат. И добиваме уште една. Победуваме толку силно, никој досега не видел вакво нешто на Блискиот Исток. И тие преговараат, патем, и толку многу сакаат да склучат договор, но се плашат да го кажат тоа затоа што мислат дека ќе бидат убиени од сопствениот народ. Исто така се плашат дека ќе бидат убиени од нас“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Сепак, шефот на иранската дипломатија вели дека земјата ќе продолжи да се брани и засега нема намера да преговора. САД му понудија на Иран план од 15 точки за крај на воените дејствија. Техеран возврати со пет услови, меѓу кои бара укинување на санкциите и исплата на репарации.

„Досега не се случиле никакви преговори. Со сигурност го кажувам ова дека немаме разговори и преговори со нашите американски колеги. Но, во текот на изминатите неколку дена, нашите американски колеги почнаа да испраќаат пораки преку други земји кои се наши пријатели. Ако има пораки преку други, на кои одговараме со наш сопствен став и барања, тоа не се нарекува разговор, ниту преговори, ниту нешто слично“, изјави Абас Арагчи, министер за надворешни работи на Иран.

Војната продолжува. Нови напади во Израел, Иран и Либан. Израелските власти соопштија дека го убиле Алиреза Тангсири, шеф на морнарицата на Иранската револуционерна гарда.

„Човекот кој беше директно одговорен за терористичката операција на блокирање на Ормускиот теснец и навигацијата беше разнесен и неутрализиран. Ова е јасна порака до сите лидери на иранската терористичка организација, Револуционерната гарда, која моментално владее со Иран. Израелската одбрана ќе ве лови и ќе ве спречи еден по еден“, изјави Израел Кац, министер за одбрана на Израел.

Американската војска се подготвува да распореди најмалку 1.000 војници на Блискиот Исток во наредните денови. Се погласни се шпекулациите за копнена офанзива на САД врз виталниот нафтен центар на островот Харг.

 

Маријана Димовска