Светот стравува од економски последици од војната на Блискиот Исток
Енергетскиот шок од војната на Блискиот Исток ги тресе глобалните пазари, додека цените на нафтата и гасот вртоглаво растат. Откако беше затворен Ормускиот теснец, снабдувањето е сериозно нарушено, а последиците веќе ги чувствуваат и граѓаните и економиите ширум светот. Европската централна банка предупредува на ризик од широка инфлација, додека земјите преземаат итни мерки за справување со кризата...

Европската централна банка има различни опции за справување со енергетскиот шок од војната на Блискиот Исток. Директорката Кристин Лагард вели – светот се соочува со длабока неизвесност.
„Монетарната политика не може да ги намали цените на енергијата, тоа е очигледно за сите нас. Но, мора да идентификуваме кога повисоките трошоци за енергија ризикуваат да се прелеат во инфлација на широка основа, било преку индиректни или преку секундарни ефекти преку платите и инфлациските очекувања“, изјави Кристин Лагард, претседателка на Европската централна банка.
Повеќето Американци веруваат дека воената акција во Иран отишла предалеку и многумина се загрижени за тоа како да си дозволат бензин.
„Загрижени сме, особено во ова време од годината, кога сите почнуваат да ги подготвуваат своите полиња и трошат многу гориво. Секако, цените на ѓубривата се зголемени со ситуацијата во која се наоѓаме“, вели еден Американец.
„Луѓето се жалат. Заедно со војната и сè друго е хаос. Не знам што се случува“, додава друг.
Откако Иран го затвори Ормускиот теснец, околу една петтина од светските залихи на нафта и течен природен гас се блокирани во заливот. Поголемиот дел од нафтата што минува низ важниот проток оди во Азија, во моментов континентот е најтешко погоден. Филипини прогласи вонредна состојба.
„Коренот на проблемот е снабдувањето и цената на енергијата и тоа е она што треба да го решиме директно и веднаш. Затоа не прогласивме општа вонредна состојба, туку енергетска вонредна состојба“, Фердинанд Маркос, претседател на Филипините.
Превирањата на глобалните пазари на нафта не можеа да дојдат во потежок момент за земјоделците. Во Австралија, кризата со горивото би можела да се прелее во Азија, бидејќи извезуваат поголем дел од своите производи.
„Ако цените се зголемат во Малезија, мора да се зголемат и во Тајланд. Само би било подобро ако постепено ги зголемуваат“, изјави еден граѓанин.
„Како што цените на бензинот се зголемуваат, нашите трошоци за живот се зголемуваат уште повеќе“, вели друг.
Австралијците панично се снабдуваат со залихи на нафта и храна поради страв од исходот на војната на Блискиот Исток.
Катерина Бојаџиева
