Зголемувањето на инфлацијата е неизбежно, оценка на економските експерти
Зголемувањето на инфлацијата е неизбежно, со оглед на тоа дека кризата на Блиски Исток има трипати поголем потенцијал од онаа која произлезе од војната во Украина – оценка на економските експерти. Советуваат подобра координација на фискалната и монетарната политика, зголемување на каматната стапка при заострување на состојбата, поддршка на ранливите категории граѓани и на бизнисот за одржување на ликвидноста...

Зголемувањето на инфлацијата е неизбежно поради енергетската криза – велат експертите и советуваат дека пакетот мерки веќе треба да е подготвен и да се активира кога ќе биде потребно. Велат, неопходно е проширување на мерката за намалување на ДДВ-то со намалување и на акцизата на нафтените деривати. Доколку се продлабочи кризата, според професорот Таки Фити потребно е штедење, зголемување на каматната стапка и координација на монетарната и фискалната политика за ублажување на инфлаторните притисоци.
Какви мерки и да се преземат, трошокот ќе треба некој да го плати, вели професорот Треновски и затоа се потребни ефективни мерки. Неопходна е поддршката на бизнисот и инвестиците.
Професорот Узунов не очекува драстичен скок на инфлацијата. Но, вели дека е хронична и постојано им го празни џебот на граѓаните. И тој апелира за навремени мерки за заштита на стандардот на граѓаните.
Одржлив раст и подобар стандард може да се обезбеди со координирани политики, структурни реформи и поголема поддршка за домашната економија, велат економистите.
Александра Велинова
