Гаши: Фокус на законите од реформската агенда
Законите од реформската агенда се подготвуваат во Владата и тие се проследуваат во законодавниот дом со засилена динамика, вели претседателот на Собранието Африм Гаши.

Собранието работи експресно на реформската агенда. Процесот е посложен, бидејќи министерствата ги изготвуваат законите, ги праќаат во Европската комисија на сугестии, па ги инкорпорираат забелешките пред да стигнат кај нас.
Штом ќе се достават во Собранието, ние ги решаваме многу ефикасно. Моментално во Собранието имаме два закона – едниот за јавни обвинители, другиот за Советот на јавни обвинители, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Спикерот очекува од Владата набрзо да дојдат повеќе закони, бидејќи како што вели, спикерот Гаши, таму се работи интензивно и има зголемен фокус во однос на ова прашање. Очекуваме дека во текот на годинава ќе имаме поголема ефикасност во однос на носење на законите од реформската агенда – рече Гаши.
Гаши смета дека Уставот не треба да се отвора парцијално, за отворањето треба да одлучат политичките партии. Прашањето за воведување „уставна жалба“ и евентуални измени на Уставот е чисто политичко прашање за кое е потребен консензус од две третини од пратениците, смета претседателот на Собранието, Африм Гаши.
Игор Панов
