Образование

Законот за високото образование од понеделник повторно ќе биде објавен на ЕНЕР

26.03.2026 17:31

Изработена е финалната верзија на Законот за високо образование, идниот понеделник ќе биде јавно објавен. Министерството за образование прифати дел од забелешките, измените велат дека се согласно препораките на Европската унија. Во Скопје регионална конференција посветена на високото образование. Од меѓународните организации апел, образовните системи во регионот да ги подготват младите за идните предизвици, вештачката интелигенција и новите технолошки алатки.

Финалната верзија на Законот за високото образование од понеделник повторно ќе биде објавена на ЕНЕР. Министерството прифатило голем број на забелешки кои се однесувале на дел од новините. При изработка на измените работната група во МОН консултирала бројни експерти, искуства се црпеле и од други легислативи, уверува министерката Јаневска според која законот за високото образование ги почитува европските барања за подобрување на квалитетот.

Високото образование, тема на регионална конференција посветена на нејзината интернационализација на Западен Балкан и југоисточна Европа. Според дел од организаторите, целта е да се подготват младите за новите предизвици на пазарот на трудот, вештачката интелигенција и новите технологии.

Оваа платформа треба да придонесе за обликување на следната фаза од реформата на високото образование во регионот. Конференцијата ќе трае два дена, а учествуваат министри, раководства на универзитети, академици, истражувачи, економисти, работодавачи.

Викторија Милевска