Дали интервенцијата во осум закони ќе го реши проблемот со семејното насилство?
Четири лица се уапсени, а со едно е извршен службен разговор по пријава за семејно насилство. Во Охрид, пак, татко го истепал десетгодишниот син, прекршувајќи судска мерка, по што Обвинителството побара да му се определи притвор. Во Собранието дискусија – дали предложената интервенција во осум законски решенија ќе го реши проблемот?!
Со тупаници, шлаканици и клоци го истепал 10 годишниот син, а потоа и се заканил и на сопругата дека ќе ја убие. 45 годишен охриѓанец ќе одговара за семејно насилство, откако не ги почитувал забраните од судот и продолжил да го малтретира семејството.
„Ваквото семејно насилство осомничениот го вршел иако имал активно изречени судски мерки за заштита од семејно насилство, со кои му било забрането физички и психички да ја малтретира сопругата и двете малолетни деца. Изречените судски забрани тој не ги почитувал“-велат од Обвинителството.
Само во последното деноноќие полицијата уапси четири лица, а едно повика на разговор поради пријави за семејно насилство. Од опозицијата велат дека најавените измени во осум закони кои треба да превенираат семејно насилство се задоцнети за жртвите.
Кривичниот суд за 30-ти март го закажа судењето на Стојанче Јовановски чија сопруга и дете починаа по пад од висококатница во скопско Тафталиџе. Ќе му се суди за три дела, затоа што континуирано повеќе години ја малтретирал сопругата, што резултирало со самоубиство на жртвата.
Анита Димитријевска – Велковска
