Во Собранието пратенички прашања за последиците од кризата
Кризата на Блискиот Исток и рефлексијата врз движењето на цените, на мартовската седница на пратенички прашања. Министерот за економија вели дека Владата има конкретни мерки ако има енормно покачување на цените. „Нема да дозволиме притисок од трговците“- тврди Дурмиши.

Глобалната криза предизвика негативни ефекти врз државата и граѓаните. Преку поскапата нафта, поскапуваат продуктите и крајно време е да се преземат мерки. Што планира Министерството за економија и Владата за да се намали притисокот врз граѓаните бидејќи цените веќе влијаат врз семејните буџети? – праша опозицијата во парламентот.
Државниот пазарен инспекторат распоредил 30 мобилни тимови кои вршат засилен надзор врз целиот синџир – од производителите до трговците. Не се утврдени енормни зголемувања. Испраќаме јасна порака дека нема да има толерирање на неосновано покачување на цените или маржите на добивка, вели Дурмиши.
Премиерот Мицкоски вели енергетската состојба во земјата е стабилна. Има јаглен, акумулациите се полни, а ЕСМ во ноќните часови продава електрична енергија која носи профит до 150.000 евра.
Мицкоски поткрепувајќи ги своите ставови рече дека македонска компанија снабдува со керозин неколку аеродроми. Тоа може да прекине, но така би поскапел авионскиот транспорт.
Миле А. Ристески
