Битола

Затворена кујната во РЕК Битола поради сомнеж за труење со храна

26.03.2026 18:11

Повеќе од 120 вработени во РЕК, во текот на изминатото деноноќие побарале помош во клиничка болница д-р Трифун Пановски во Битола, откако пројавиле симптоми кои укажуваат на можно труење од храна. Според информациите од инфектологот, пациентите се со лесна клиничка слика, а според епидемиолошката анкета, состојбата им се влошила откако консумирале оброк-макарони со сос, во мензата на комбинатот. Направени се анализи, резултатите се очекуваат во следните денови. Во текот на вчерашниот ден извршен е и вонреден инспекциски надзор од страна на надлежните институции, при што констатирани се неколку неправилности.

По вчерашните сомнежи за наводно труење со храна на дел од вработените во РЕК Битола, извршен е вонреден инспекциски надзор во кујната во комбинатот. Во текот на истиот доставени се потврди за извршени дезинфекција, дезинсекција и дератизација на рестораните, приложени се санитарни книшки за 56 од 59 вработени во кујната. ДЗСИ констатира неколку неправилности.

Во изминатото деноноќие во битолската Клиничка болница, со лесни симптоми, помош побарале повеќе под 120 вработени, 40-тина од нив се на дневна болница, останатите на домашно лекување.

Од страна на АХВ наредено е и вонредно чистење и дезинфекција на објектите и опремата и спроведување на вонредни санитарни прегледи на сите вработени.

„Согласно националниот протокол за постапување во случај на сомнеж за појава на алиментарни инфекции и интоксикации, кујната на операторот со храна е времено затворена, односно, дадена е забрана за вршење на дејност подготовка и послужување на храна од истата, се до завршување на инспекциската постапка и добивање на уредни наоди од лабораториските испитувања на земените мостри и брисеви“, стои во соопштението од АХВ.

Од АД ЕСМ апелираат да не се изнесуваат непроверени информации. Надлежните институции активно работат на целосно расчистување на случајот, а јавноста ќе биде транспарентно информирана за сите наоди.

Повеќе од 1.700 вработени добиваат топол оброк во кујната, која започна со работа крајот на септември минатата година. Додека трае забраната за работа, овие вработени ќе добиваат ладен оброк.

Александра Максимовска