Македонија

Премиерот Мицкоски со три очекувања од новиот јавен обвинител Савески

26.03.2026 17:01

Премиерот Мицкоски со три очекувања од новиот републички обвинител Савески: да биде неселективен и да го провери секој случај со индиции за криминал, да ги процесуира извештаите на заводот за ревизија, но и да истражи како Катица Јанева од затвор оживувала предмети на поранешното СЈО.

Премиерот Мицкоски очекува новиот државен јавен обвинител Савески да открие како поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева со писмо од затвор враќала предмети во живот, како се делеле бонусите во Специјалното обвинителство, но и како им се судело на обвинетите за тероризам при настаните од 27 април.

„Јас нема да се смирам ако не добијам одговор и како им се судеше на група луѓе за тероризам и врз основа на кои докази? Како се изнудуваа изјави од заштитените сведоци и трето, за колкави бонуси станува збор за обвинителите од СЈО и зошто се плашат овој предмет да влезе во фаза на истрага. Очекувам новиот јавен обвинител да излезе со јасна информација во јавноста, значи – ден тој и тој, тоа се случило“, изјави премиерот Мицкоски.

Мицкоски очекува Обвинителството под Савески да ги отвори предметите, кои со години стоеле во фиока и да провери дали постои основано сомнение за криминал. Станува збор за пријави и претставки кои се резултат на спроведените ревизии и кои се веќе процесуирани до јавното обвинителство.

„Очекувам сите овие предмети да бидат извадени, ставени во процес на обработка, да се утврди дали има криминал. Верувајте ги има стотици вакви предмети. Јавноста е во право кога вели сите сте исти зошто тоа до сега неистражено не знам, можеме да претпоставиме, очекувам со новиот ЈО да има“, додаде Мицкоски.

Мицкоски рече дека правдата во Македонија мора да биде неселективна.

 

Марина Стојанова - Тонева