Собрание

Предлог-законот за Советот на јавните обвинители на собраниска комисија

27.03.2026 08:30

Во Собранието денеска ќе заседаваат комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците и економски прашања, труд и енергетска политика, како и Законодавно-правната комисија...

Во Собранието денеска ќе заседаваат комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците и економски прашања, труд и енергетска политика, како и Законодавно-правната комисија.

На дневен ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците е Предлог на законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, во прво читање, и Разгледувањето на Извештајот на Законодавно-правната комисија по Предлогот на закон за јавното обвинителство – второ читање.

Како што информираа од Министерството за правда, Предлог-законот за Советот на јавните обвинители претставува значаен чекор кон зајакнување на независноста, отчетноста и транспарентноста на јавнообвинителскиот систем.

Со донесување на Законот за јавното обвинителство и Законот за Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија, како што се посочува, се очекува да се зајакнува самостојноста на Јавното обвинителство, зајакнување на механизмите за одговорност на лицата кои вршат функции во правосудниот систем, зајакнување на капацитетите и ефикасноста на јавното обвинителство, зајакнување на критериумите за избор на јавните обвинители.

Се посочува дека обвинителите кои се предмет на дисциплинските постапки ги имаат сите гаранции за правично судење согласно одредбите од овие два закони.

На дневен ред на Комисијата за економски прашања, труд и енергетска политика се Предлог – Финансиски план за 2026 година на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија и Предлог на одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход, за Финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија за 2026 година.