Блиски Исток

Трамп ги одложи нападите врз енергетски постројки во Иран

27.03.2026 11:30

Закани за нови воени удари, но и пораки за можен договор. Вашингтон и Техеран по принципот топло-ладно. Белата куќа преку Пакистан му доставила на Иран предлог со 15 точки за прекин на војната, но за Техеран, американскиот предлог бил едностран и неправеден.

Трамп дополнително ги пролонгира нападите врз иранските енергетски објекти до 6-ти април, како што напиша на социјалните мрежи по барање на иранската влада. Претходно, на состанокот на кабинетот, Трамп рече дека САД ќе бидат најлошата ноќна мора за Иран, ако не се согласат на мировен план.

„Тие молат да склучам договор, не јас. И секој што видел што се случува таму би разбрал зошто сакаат да склучат договор. Тие се многу паметни, всушност, на одреден начин, и се одлични преговарачи. Јас велам дека се лоши борци, но се одлични преговарачи“, изјави Доналд Трамп- претседател на САД.

Иран е подготвен за секакво сценарио во војната со САД и Израел и предупредува дека секој обид од нивна страна за копнена инвазија би бил голема грешка.

„Фактот дека Иран ја наметна својата контрола врз целиот регион е голема победа. Подготвени сме за секаков сценарио, вклучително и секаков вид копнена операција. Мислам дека тоа е место каде што ќе можеме да ги победиме и мислам дека тоа би била една од големите грешки ако ја донесат таа одлука“, изјави Али Бахреини – амбасадор на Иран на ОН во Женева.

Пакистан се стреми кон мир меѓу САД и Иран. Подготвен e да биде домаќин на преговори, објавија властите. Сепак нема потврда дека разговорите ќе се одржат во Исламабад, неделава. Детали за времето, местото и распоредот ќе бидат објавени навремено.

„Без разлика во кој контекст ја ставате нашата улога, фактот останува дека се стремиме кон мир, се стремиме кон решавање на спорови, прекин на непријателствата“, изјави Тахир Андраби- портпарол на МНР на Пакистан.

Во меѓувреме, продолжуваат нападите во Израел, Иран и Либан. Две лица се убиени од остатоци од пресретната ракета во Абу Даби.

Катерина Бојаџиева