Меморандум за културна соработка меѓу загребскиот Музеј за уметност и занаети и Националната галерија на Македонија
Во македонскиот КИЦ во Загреб потпишан договор за продлабочување на културните врски и реализација на заеднички изложби и проекти...

Во македонскиот Културно-информативен центар во Загреб вчера беше потпишан Меморандум за културна соработка меѓу Музејот за уметност и занаети во Загреб и Националната галерија на Република Македонија во Скопје.
Договорот го потпишаа директорот на загребскиот музеј, Сањин Михелиќ, директорот на Националната галерија, Али Синани, и програмскиот раководител и виш кустос Маја Крстевска. Меморандумот произлегува од веќе воспоставената соработка и успешно реализираните заеднички проекти, со што дополнително се зајакнуваат културните врски меѓу двете земји.
Целта е унапредување на меѓународната соработка преку промоција на културното и уметничкото наследство, како и развој на заеднички програми и размена на искуства меѓу институциите.
Како дел од соработката, веќе за оваа година се најавени две изложби во Скопје – „Менче Спировска: визуелни фасцинации на Загреб“ во Мала станица при Националната галерија и „Арсовски – фотографи“ во Музејот на град Скопје.
Од двете институции оценуваат дека соработката ќе придонесе за поголема поврзаност на културните работници и збогатување на културната понуда за публиката.
