Кривична пријава за даночно затајување во Струмица, штета од речиси три милиони денари
Правно лице и управител од Струмица осомничени дека не пријавиле ДДВ за 2025 година и го оштетиле буџетот за над 2,9 милиони денари.

СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против правно лице во стечај и против М.М. (48) од Струмица, поради сомнение за сторено кривично дело „даночно затајување“.
Според пријавата, осомничените, со намера да избегнат плаќање данок на додадена вредност (ДДВ), постапиле спротивно на Законот за ДДВ и во даночната пријава за 2025 година не пријавиле значителни износи на излезен ДДВ по општа и повластена стапка.
Дополнително, во текот на годината не пресметале ДДВ за дел од остварените приходи по издадени фактури, со што се стекнале со противправна имотна корист.
Со ваквите дејствија, како што информира полицијата, е предизвикана штета на државниот буџет во вкупен износ од 2.909.944 денари.
