Сајбер нападите, постојана закана за државите
Во современиот свет сите држави се во опасност да бидат изложени на сајбер напади и поради тоа неопходна е заедничка соработка за да се заштитат. Ова беше кажано на Петтиот интерпарламентарен форум на делегациите од Југоисточна Европа при Парламентарното собрание на ОБСЕ што се одржа во Охрид.

Опасноста од сајбер напади никогаш не престанува, бидејќи актерите коишто претставуваат закана за сајбер безбедноста доаѓаат од различни профили, со различни амбиции и мотиви. Поради тоа државите постојано мора да се подготвени за одбрана од овие закани кои можат да доведат до колапс на институциите.
„Тоа значи дека ризикот постојано постои, особено заради тоа што со навлегувањето на дигитализацијата постои конвергенција на два света коишто не се до крај усогласени, физичкиот и дигиталниот свет. И како резултат на тоа се создаваат отворени празнини или вакуми коишто разни малициозни актери сакаат да ги пополнат“, изјави проф. д-р Методи Хаџи Јанев – специјалист за дигитализација и сајбер безбедност.
„Ризикот секогаш постои, никој не може да мисли дека е целосно безбеден, особено не во време кога нападите доаѓаат на поинаков начин“, рече Моника Зајкова – шеф на делегацијата на Македонија во ПС на ОБСЕ.
Учесниците на форумот од Охрид порачаа дека земјите поединечно тешко ќе можат да се справат со сајбер нападите, поради тоа ќе мора да соработуваат.
„Основната идеја е како заеднички да направиме колективна безбедност кон сајбер нападите и да организираме квалитетна сајбер безбедност и на нашата држава и на регионот“, истакна Африм Гаши – претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
„Сајбер војната сега е многу распространета и таа бара да бидеме сите заедно. Да бидеме сплотени не само во ОБСЕ и НАТО, туку и како регион“, порача Блери Класи – шеф на делегацијата на Албанија во ПС на ОБСЕ.
Се очекува на форумот да се потпише заедничка декларација на земјите од регионот за заедничко дејствување против сајбер нападите.
Сашо Нелоски
