Бридлов: Македонија ги исполни воените очекувања за влез во НАТО

16.09.2014 10:07

Македонија ги исполни воените очекувања за влез во НАТО, а сега политичкото раководство на Алијансата работи на решавање на отворените политички прашања за прием, изјави врховниот командант на НАТО за Европа, американскиот генерал Филип Бридлов на конференцијата во Вашингтон посветена на целите на Алијансата по самитот...

По самитот на НАТО во Велс, воените команданти на Алијансата велат дека вратата за проширување останува отворена иако Украина, Авганистан и новите безбедносни ризици на Блискиот Исток беа главна тема на самитот во Кардиф. На прашањето од Македонската телевизија до Врховниот Командант на НАТО за Европа, дали со проширувањето може да се спречат идни нестабилности, генерал Бридлов одговори:

„Сојузниците апсолутно ја потврдија позицијата дека вратата за проширување останува отворена. Никој не помина низ вратата на овој самит, но повеќе кандидати ја подобрија подготвеноста за членство. Гледам како нациите се приближуваат кон целта. Некои од нив веќе ги исполнија воените очекувања што ги имаме за влез во НАТО, и сега некои повеќе политички прашања се решаваат од страна на политичкото раководство на НАТО“, вели врховниот командат на НАТО за Европа, Филип Бридлов.

Воениот врв на НАТО одамна е уверен дека Македонија ги исполнува сите критериуми за прием и дека останува само блокадата од Грција на патот до полноправно членство во Алијансата.

Воените лидери на НАТО очекуваат вратата за проширување и натаму да остане отворена.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ