Проектот за инвестирање во слободни здравствени зони претставен во Данска
Овој проект ќе биде презентиран во Шпанија, САД и повеќе земји низ Европа. Македонија до 2017-та година ќе добие слободна здравствена зона во која странски инвеститори ќе градат болници...

Проектот „Слободни здравствени зони“ за прв пат е презентиран во Данска. Даночните и царински ослободувања за изградба на болница го привлекоа вниманието на директорот на најголемата приватна болница за кардиохирургија во земјата, Карстен Молер. Оваа здравствена установа освен за Данска нуди здравствени услуги и за скандинавските земји.
„Го презентиравме моделот, како бизнис модел и како можност за инвестирање. Го гледаат како интересен модел за функционирање со сериозно намалени трошоци и можност за зголемен профит на приватните болници“, изјави министерот за здравство Никола Тодоров.
Овој проект ќе биде презентиран во Шпанија, САД и повеќе земји низ Европа. Македонија до 2017-та година ќе добие слободна здравствена зона во која странски инвеститори ќе градат болници, а во нив ќе се применуваат методи кои досега не се практикувале кај нас.
Здравствен туризам, воведување нови методи и технологии, зголемување на конкурентноста, вработување се само дел од придобивките за македонија од формирањето на слободните здравствени зони.
Андријана Атанасовска
